Насловна
Во рамки на културното лето “Три круши 2017“, синоќа феноменален концерт одржа најквалитетното брачно музичко дуо Силви и Влатко Плевнеш, познати како “Силви Бенд“.
Овој бенд кој постои на македонската сцена повеќе од 25 години, зад себе има многубројни фестивалски хитови и песни кои веќе се евергрини, а има настапувано и на многу фестивали како во земјава така и во странство.
Со прекрасната весела изведба на безвременскиот хит “Македо Ламбада“, хит со кој за првпат и се претставија на македонската јавноста како тандем, Силви и Влатко го започнаа својот концерт.
Бројната публика имаше можност да ужива во изведбата на повеќе композиции од нивните албуми и фестивалски настапи меѓу кои: “Убавица и ѕвер“, “Ако ме љубиш“, “Ме полудуваш“, “Бакнежи врели“, “Твојте очи Лено“, а посебен белег на вечерта остави интерпретацијата на безвременската “Ангели ме носат“. Покрај ова, Силви и Влатко за првпат, премиерно во живо пред публика ја испеаа и нивната најнова песна “Љубовна приказна“.
“Силви Бенд“ со својот настап ја прошета публиката низ времето од своите почетоци па се до денес, и со тоа докажа дека се најквалитетното брачно музичко дуо во нашата држава.
Културното лето “Три Круши 2017“, кое е во организација на Општина Кисела Вода продолжува се до крајот на месецов. Веќе во сабота посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапот на познатата македонска пејачка Сара Мејс Костадиновска.