Насловна
Со пригодна свеченост, Општина Кисела Вода го одбележа Националниот ден на Унгарците. Пред спомен одбележјето на Шандор Петефи свое обраќање имаа градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски, амбасадорот на Унгарија во Македонија, Ласло Дукс и претседателот на Здружението на Унгарците во Македонија, г-дин Јожеф Шутуш.
-Убаво е чувството денес, кога го одбележуваме Националниот ден на Унгарците, да се биде тука, пред спомен одбележјето на истакнатиот поет и револуционер Шандор Петефи, кој е една од клучните фигури во Унгарската револуција од 1848 година и поставувањето на темелите за целосно осамостојување на унгарската држава. И самото поставување на ова спомен плоча, говори за големо почитување на Општина Кисела Вода кон унгарскиот народ во Република Македонија. Денешната манифестација, пак, е уште еден чекор напред кон воспоставување на уште подобри односи со Република Унгарија и значаен придонес во развивање на културните врски со Унгарија, ширењето на унгарската култура, но и за приближувањето на македонското литературно творештво до унгарската публика-истакна градоначалникот Темелковски.
Амбасадорот на Унгарија во Македонија, Ласло Дукс, го искажа своето задоволство што повторно заедно со Општина Кисела Вода го прославува националниот празник на Унгарија и истакна дека е задоволен што денес, на оваа свеченост се присутни и полковникот на унгарска армија и куратор на војниот музеј на Парламентот во Будимпешта, Кедвеш Ѓула и неговата сопруга, како и припадници на унгарскиот контингент на полицијата кои во овој момент служат во Гевгелија. Истакна дека законите кои се донесени и произлегле по револуцијата во Унгарија во 1848 година имаат големо значење за унгарската историја.
-Во настаните од 15 март главна улога имаат млади луѓе меѓу кои е Шандор Петефи. Тој од една страна е најголем унгарски поет, а од друга страна борец за слобода на својата нација кој го положил својот млад живот во борбите 1849 година. Многу сме благодарни на граѓаните на Кисела Вода што имаме прилика да присуствуваме на овој ден, пред спомен плочата на Шандор Петефи. Носители на револуцијата во 1848 година беа младите. Револуцијата е приказна за младите и за нас е задоволство да ги поздравиме младите деца, кои учествуваа на конкурсот распишан под овој повод. Би сакал да се заблагодарам за помошта во реализацијата на овој настан на градоначалникот на Кисела Вода, г-нот Филип Темелковски, како и на Здружението на Унгарците во Македонија “ТЕЛЕДОМ”-изјави пред присутните неговата екселенција Ласло Иштван Дукс.
Потоа, беа доделени и наградите за најдобрите од распишаниот конкурс од страна на Амбасадата на Унгарија во Македонија и Здружението на Унгарците во Македонија во соработка со Општина Кисела Вода. Имено, основците твореа на две теми поврзани со животот и делото на Шандор Петефи и Унгарската национaлно-ослободителна војна и буржоаска револуција 1848-1849.
Првонаградената Михаела Здравковска 8-1, ООУ “Св.Климент Охридски”, наградата ја доби кусометражен документарен филм, додека ученичката Деспина Стојмировска 9-2, од ООУ “Кузман Шапкарев” беше наградена за напишана песна. И двете ученички, од страна на Амбасадата на Унгарија во Македонија и Здружението на Унгарците во Македонија “Теледом”, ќе добијат организирана деветдневна екскурзија во Унгарија. Награди и благодарници имаше и за освоените втори и трети места од распишаниот конкурс.
По доделувањето на наградите, делегации од Општина Кисела Вода и од унгарската амбасада, поставија свежо цвеќе на спомен одбележјето на Шандор Петефи и искажаа подготвеност за продолжување на соработката и посветена работа на зближување на двата народа- и македонскиот и унгарскиот.