Насловна
Општина Кисела Вода ги поканува сите граѓани, да бидат дел од десетиот по ред хуманитарен интернационален хепенинг 2018, кој ќе се одржи во сабота, 10.11.2018 година, во Веро центарот во Скопје ,со почеток во 12 часот. Настанот, кој е во организација на Град Скопје во соработка со хуманитарната организација Ангелчиња-ХОА, претставува презентација и натпревар на учесниците во изработка и декорација на торти.
Посетителите, за кои влезот е слободен, ќе имаат можност да уживаат во креациите на аматерите и професионалците во оваа дејност, да гласаат и заедно со жири комисијата да ја изберат најдобрата карвинг креација. Во организација на Општина Кисела Вода, Хуманитарната организација СВЕТИ СПАС, Град Скопје и хуманитарната организација Ангелчиња-ХОА, по завршување на настанот, тортите ќе им бидат подарени на децата од СОС детско село и на граѓаните корисници на народните кујни во Општина Кисела Вода и Општина Ѓорче Петров.
Исто така, во склоп на оваа манифестација е изложбениот саем, каде сите земји учеснички ќе направат своја презентација од областа на туризмот и новитетите во областа на угостителството. Граѓаните ќе можат да ги разгледаат изложбените штандови, да се запознаат со нивната содржина и да бидат дел од нивните промотивни понуди и наградни игри. Во текот на хепенингот, ќе се одржи и таканаречен натпревар под притисок, каде учесниците ќе имаат само 10 минути да ја покажат својата умешност во украсување на торти, на зададена тема од страна на жирито. Ќе биде изработена и роденденска торта од слаткари од сите земји која потоа ќе им биде поделена на посетителите. Сево ова ќе биде проследено со богата музичка програма и многу изненадувања за сите кои ќе одлучат да го минат своето саботно попладне во Веро центарот.