Насловна
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски денес со претставниците на спортските субјекти кои опстојуваат на територијата на локалната самоуправа потпиша договори за доделување на материјална поддршка.
За истата, имаа можност да аплицираат сите спортски клубови, спортски здруженија и спортски институции кои со своите програми и активности даваат придонес за развој на спортот и физичката култура кај младите на територијата на локалната самоуправа. Материјалната поддршка која има за цел да го подобри работењето на спортските субјекти за тековната 2018 година, доделена е на следните спортски клубови и спортски здруженија: Автомобилистички Картинг Клуб СТЕФАНОВСКИ – Тркачки клуб Скопје во износ од 150.000 денари, ФК Вардар 75 во износ од 50.000 денари, БК МЕДИТЕРАН во износ од 100.000 денари, ФК Текстилец во износ од 50.000 денари, РК ДРАЧЕВО СКОПЈЕ во износ од 100.000 денари, ПК АКВА ПРО – АКАДЕМИЈА во износ од 50.000 денари. Средствата се доделни врз основа на вториот јавен оглас кој Општината го објави оваа година во месец октомври.
Покрај ова, како спортска институција која извршува научни проекти од јавен интерес за развојот на спортот во Општина Кисела Вода материјална поддршка во износ од 600.000 денари доби и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје - Скопје за реализација на проектот Физичкиот фитнес и нутритивниот статус како предиктор на квалитетот на животот кај децата и адолесцентите од Република Македонија.
Во овој проект ќе бидат вклучени сите општински основни училишта и професори по физичко образование, како и 15 волонтери професори со завршен факултет за физичко образование, спорт и здравје кои не се во работен однос. Целта на истражувањето е да се утврдат релациите меѓу компонентите на физичкиот фитнес т.е. кардиореспираторниот фитнес, мускулната сила и брзина/агилност, нутритивниот и постуралниот статус со квалитетот на животот кај децата и адолесцентите.
Кај учениците ќе се изврши скрининг на:
- Постуралниот статус ( статус на стапалата и рбетниот столб );
- Нутритивниот статус ( индекс на телесна маса, централна адипозност, процент на мускулна маса, процент на масно ткиво);
- Ќе биде проценет здравствениот фитнес – здравствената форма;
- Нивото на физичка активност;
- Времето минато во седентарни активности ( гледање телевизија, работа на компјутер, мобилен телефон и сл.);
- Квалитетот на животот поврзан со здравјето;
Целна група на истражувањето ќе бидат учениците од 1 до 9 одделние односно ученици од 7 до 14 годишна возраст. Во истото ќе учествуваат вкупно 5245 ученици од сите осум основни училишта кои се во надлежност на Општина Кисела Вода.
За потсетување, Општина Кисела Вода по претходно објавен јавен оглас, првата материјална поддршка на спортските субјекти кои егзистираат на нејзина територија ја додели на почетокот на оваа година. Истата им беше доделена на 13 спортски клубови и спортски здруженија, како и на 8 спортски манифестации, за кои локалната самоуправа одвои 3.855.000 денари. Досега вкупната сума на доделени финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортски институции е 4.955.000 денари.
Имено, оваа материјална поддршка Општина Кисела Вода почна да ја доделува на иницијатива на градоначалникот Филип Темелковски.