Насловна
Денеска на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, министерката за образование и наука, Мила Царовска и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски беа во работна посета на ПОУ „д-р Златан Сремец“.
Во училиштето, кое се наоѓа на територијата на Општина Кисела Вода, градоначалникот и министерката од страна на професионалниот кадар беа информирани за функционирањето на истото, а накратко ги посетија и дечињата.
Општина Кисела Вода дава целосна поддршка на Министерството за образование и наука во остварувањето на целите за подобрување на условите за работа на специјалното училиште „д-р. Златан Сремец”, кое како што нагласи министерката Царовска, согласно Законот за основно образование до 2023 година треба да прерасне во Ресурсен центар заедно и со останатите специјални училишта, коишто ќе го поддржуваат инклузивното образование во сите редовни училишта. За прв пат образовните асистенти во учебната 2021/2022 ќе бидат финансирани од Буџетот и сместени формално во образовниот систем.
– Еден од приоритетите на МОН е унапредување на инклузивноста на образовниот систем. Наша цел е сите училишта да се приспособат и да обезбедат соодветно образование за сите деца. Со носење јасни упатства се овозможува трансформацијата на специјалните училишта во ресурсни центри за поддршката на регуларните училишта да заврши навремено, до 2023 година. На последната владина седница, по барање на МОН, е зголемен бројот на стипендии за сите деца со попреченост. Ниедно дете што ги исполнува условите нема да биде одбиено – рече министерката Царовска.
– Се трудиме да создадеме образование кое ќе ги поттикне сите ученици да го постигнат својот максимален потенцијал. Специјалните училишта, согласно Закон за основно образование, треба до 2023 година да прераснат во ресурсни центри што ќе го поддржуваат инклузивното образование во сите редовни училишта. Токму затоа, пред две недели донесовме правилник и упатство на кој начин треба да се одвива соработката меѓу регуларните училишта и специјалните училишта, понатаму ресурсни центри, и со која динамика. Полека се подготвуваат специјалните училишта за оваа трансформација, затоа што секое дете треба да биде изложено на максимално добра развојна средина, опкружено со различни од себе, за на тој начин да се стимулира да ги прифати различните од себе. Секое дете да може да разбере дека сите сме еднакви, но едноставно имаме различни потреби и различни можности – додаде министерката Царовска.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски нагласи дека иако ова специјално училиште е во надлежност на државата сепак локалната самоуправа во партнерство со МОН ќе продолжи да дава неизмерна поддршка во обезбедување на подобри услови.