Во рамките на дванаесетото издание на културното лето “Три Круши 2017”, кое ќе се одвива до крајот на овој месец, синоќа одличен концерт одржа етно составот “Чалгија Саунд Систем”.
Оваа група која го има чалгискиот израз како основа за создавање современа музика, во духот на чалгиската традиција, со што на одреден начин и ја продолжува традицијата, прозвуче од сцената на верско-рекреативниот комплекс Три круши во селото Драчево.
Публиката повеќе од еден час уживаше во македонската чалгиска песна, во огромниот број песни од македонската фолклорна ризница на кои со оригиналната изведба им е даден нов дух, но и во сосема нови, авторски песни на овој бенд кој настапува на многу фестивали ширум земјата и надвор од неа.
Културното лето на Општина Кисела Вода продолжува. Во петок концерт ќе одржи Миле Кузмановски, а саботата е резервирана за “Дипломатик бенд”. И двата концерта ќе се одржат на Три круши, со почеток во 20:30 часот.