И оваа работна недела градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски продолжува со работните активности за средби со граѓаните во урбаните и месни заедници. Темелковски придружуван од страна на секретарот Александар Алексовски и дел од раководителите на секторите од општината, како и претставници од ПС Кисела Вода, вчера оствари средба со граѓаните од УЗ Цветан Димов.
На оваа средба граѓаните од урбаната заедница Цветан Димов пред градоначалникот ги претставија своите предлози, барања и идеи, преку чија реализација би им се подобриле условите за живот во нивната урбана заедница.
Градоначалникот Темелковски пред присутните граѓани најави дека во периодот што следи во МЗ Цветан Димов општината ќе отпочне со изградба на атмосферска канализација на ул. Ѓорги Димитров и ул. Јордан Филиповски. Покрај ова, Темелковски истакна дека планирана е и целосна гасификација на урбаната заедница.
Темелковски нагласи дека развојот на Општина Кисела Вода ќе биде подеднаков, како во урбаниот така и во руралниот дел.
Воедно, Темелковски ги информираше граѓаните и за барањата за легализација на нелегално изградени објекти, кои заради несоодветна документација и поминат рок за достава на елаборати беа одбиени. Тој ги повика повторно да поднесат барања до општината, како би ги легализирале своите имоти. Темелковски укажа дека за социјално ранливите категории на граѓани изработката на елаборат во Катастар е бесплатна.
Исто како и на другите средби, граѓаните избраа и нов совет кој ќе ги застапува нивните интереси во урбаната заедница. Избрани членови во советот се: Цветанка Лазарова, Роза Андова, Александар Кошаркоски, Славчо Јовановски, Љубе Стојковски, Зоран Заковски и Стојче Јовановски. Нов претседател на УЗ Цветан Димов е Стојче Јовановски.
Вечерва градоначалникот Филип Темелковски ќе одржи работен состанок со граѓаните од урбаната заедница Бирарија. Средбата ќе се одржи во просториите на Општина Кисела Вода, барака број 7, со почеток во 19:00 часот.