Насловна
Екипата на ЖКК „Бадел „1862“ од Кисела Вода, оствари уште една многу голема убедлива победа. На натпревар од Првата женска кошаркарска лига, група Запад, баделки со огромна резултатска разлика 91:29 (24:6, 24:10, 24:8, 19:5) ја победија екипата на ЖКК „Пантери“.
„Поради отсуство на сениорките коишто се наоѓаат на репрезентативни подготовки, екипата на ЖКК „Бадел 1862“ настапи во состав во којшто доминираа кошаркарките од младинскиот погон. Дебитантски настап во сениорскиот тим имаа четиринаесет годишните Јована Димковска и Зара Стојковска, којашто својот деби настап го круниса со 7 постигнати поени“ - изјави Љупчо Павловски, тим менаџер на ЖКК „Бадел 1862“.
Најефикасна на натпреварот беше шестнаесет годишната Мартина Маркоска со постигнати 31 поен. Во листата на стрелците се запишаа и Сара Максимовска со постигнати 19 поени, Марија Димитријевиќ со 13 поени, Марија Николов со 11 поени, Сандра Лазаревска со 6 поени, Јана Петрова и Стефани Цветановска со 2 поени. Од екипата на ЖКК „Пантери“, на теренот најмногу се истакнаа Личина со 16 поени и Захиповиќ со постигнати 7 поени.