Насловна
Во СРЦ „Кале“, во рамки на последното коло од групата Запад, вчера кошаркарките на ЖКК „Бадел 1862“ , со голема резултатска разлика 69:43 (14:10, 15:12, 12:14, 28:7) ја совладаа екипата на ЖКК „Работнички“.
„И покрај тоа што баделки натпреварот го одиграа без повредените Нена Трајчевска и Драгана Јоловиќ, во текот на сите 40 минути го демонстрираа својот квалитет, искуство, карактер и тимскиот дух на екипата. Во студеното Кале, домаќините само во почетната фаза од натпреварот успеваа да им парираат на кошаркарките на ЖКК Бадел 1862. Како одминуваше натпреварот, се повеќе до израз доаѓаше големиот квалитет на сино-жолтата екипа, што на крај резултираше со убедлива победа од 26 поени“ - соопштија од ЖКК „Бадел 1862“.
Од клубот додадоа дека со оваа победа, баделки го задржаа 100%-от ефект и со максимален учинок влегуваат во кошаркарската Суперлига.
Од екипата на жолто-сините, најмногу се истакнаа Димова со 21 и Стојановска со постигнати 20 поени. Ефикасни на теренот беа и Лазаревска со 12, Димитријевиќ 9 и Адамовска со 7 постигнати поени.
Во редовите на ЖКК „Работнички“, најефикасна на теренот беше Муса со 22 поени.