Насловна
Со положување на свежо цвеќе пред спомен плочата на револуционерот Шандор Петефи и со пригодна манифестација, Општина Кисела Вода заедно со унгарската амбасада го одбележа Денот на Унгарците.
Пред присутните говор одржаа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и унгарскиот амбасадор во Македонија н.е. Ласло Иштван Дукс.
-Секогаш е убаво да се споделат убавите моменти со пријателите, па така, и денес, убаво е да се биде дел од манифестацијата која за Унгарците во Македонија и ширум светот, значи одбележување на голем ден од нивната историја. Се поклонивме и положивме свежо цвеќе пред спомен одбележјето на истакнатиот поет и револуционер Шандор Петефи, кој е една од клучните фигури во Унгарската револуција од 1848 година и поставувањето на темелите за целосно осамостојување на унгарската држава. Со заедничкото чествување на Националниот ден на Унгарците, со нашиот придонес во развивање на културните врски со Унгарија, како и со заемните заложби за зближување на двата народа преку континуираната соработка меѓу Општина Кисела Вода и унгарската амбасада во Македонија, преку дела говориме за почитта што ја имаме кон оваа земја и нејзиниот народ-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, честитајќи им го денешниот празник на сите Унгарци низ светот. Додаде дека верува во продолжувањето на добрата соработка помеѓу Општина Кисела Вода и Унгарија преку својата Амбасада во Македонија, како и со Здружението на Унгарците во Македонија.
И амбасадорот Ласло Иштван Дукс ги упати своите честитки по повод 15 Март, како значаен датум во унгарската историја. На кусо, се осврна на ликот и делото на Шандор Петефи, потенцирајќи го неговото значење за денешна Унгарија. Упати и благодарност до градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и до Општина Кисела Вода, наведувајќи дека на негово големо задоволство, посветената работа на зближување на двата народа, македонскиот и унгарскот, продолжува.
Потоа, градоначаникот и амбасадорот ги поделија наградите за најуспешните ученици од основните општински училишта кои учествуваа на конкурсот за проектот „Запознај ја Унгарија“ на темите : „Животот и делото на унгарскиот поет Шандор Петефи“ и „Револуцијата од 1848 во Унгарија и нејзиното значење“.
Наградените ги прочитаа своите творби, а настанот беше збогатен и со музичко-сценски настап.