Насловна
Делегација од Општина Кисела Вода, предводена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, утринава на Градските гробишта во Бутел, оддаде почит и положи свежо цвеќе пред споменикот на жртвите од земјотресот во Скопје, во 1963-та година.
-26 јули е еден од оние деновите во историјата на нашиот главен град, кои не се забораваат. Поминаа 59 години од разорниот земјотрес кој за 20 секунди однесе преку 1000 наши сограѓани, остави без дом десетици илјади луѓе, го уништи Скопје од сликите и спомените на нашите баби и дедовци. Денес оддаваме почит на бројните жртви, а се поклонуваме и пред сите оние кои подадоа рака кога беше најтешко. Скопје преку солидарноста, донациите, обновата, но и преку истрајноста и храброста на скопјани, се крена од пепелта. Носејќи ја во себе носталгичната нота на она што исчезна, се изгради во модерен град кој секојдневно се дообликува и во кој секој од нас, од новите генерации, остава свој траг и свој печат. Катастрофалниот земјотрес, ја подигна и свеста околу потребата за планирање и квалитетно градење на објекти со поголема механичка отпорност и сеизмичка заштита. Бидејќи земјотресите и другите природни катастрофи не можат да се предвидат, но проектирање на сеизмички сигурни и стабилни објекти се значаен чекор во намалувањето на сеизмичкиот ризик и обезбедувањето на сигурно општество за сегашните и идните поколенија-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.