Изминатиот викенд, во неделата, ЖОК „Јанта Волеј - Кисела Вода“ со победата над екипата на „Вардар жени 2019“ со 3:1 (25:18, 25:23, 20:25 и 26:24 во сетови), на одбојкарското финале во Струмица, за првпат го освои Купот на Македонија.
„После четири неуспешни обиди да дојдеме до овој драгоцен трофеј, успеавме да го освоиме во нашето петто Куп финале. Во оваа многу тешка сезона 2020/2021 за нас поради пандемијата, ние успеавме да се организираме и да реализираме пола од планираното. Бидејки сега апетитите ни се зголемија да ја оствариме и другата половина т.е. освојување на шампионатот. Оваа приказна нема да е ваква без нашите клубски членови, играчи, тренери, подржувачи и симпатизери. Моето семејство е целосно внесено во одбојкарскиот спорт и долгогодишното вложување конечно дојде до израз. Покрај моите најблиски, морам да изразам благодарност до сите наши тренери, кои не се малку и се премногу драгоцени. Но сето тоа не би било ако ги немавме основните услови за тренинг и натпревари, кои ни ги овозможува градоначалникот на Општината Кисела Вода, г-дин Филип Темелковски преку Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти со сите нивни вработени. Со ваква организираност и поддршка можеме да се пофалиме дека во првата лига жени имаме две екипи, и во првата лига мажи имаме екипа. Единствени сме во Македонија со сите младински категории во двете конкуренции. Со младите сме секогаш на врвот“ - изјави Горан Јаневиќ – Јанта, тренер на ЖОК „Јанта Волеј“.
„Во женска конкуренција сме последни шампиони во кадетска и јуниорска категорија, додека во машка сме јуниори втори и кадети трети. Со ваков концепт и работа секогаш имаме наши млади играчи со кои се надополнуваат првите екипи. Се надевам дека ќе продoлжиме во ваков континуитет и дека покрај овој пехар и двата шампионски 2016/2017 и 2018/2019 ќе освојуваме уште и уште, нема да се распаднеме како клубовите кои успеваа да не победат во минатото и станаа историја“ – додаде Јаневиќ.