Општина Кисела Вода се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на волонтерите – „5 Декември“. Заедно со Волонтерски Центар-Скопје и „За почиста Македонија“ утре организира настан кој преку промоција на волонтерството како важен акт кон подобро општество, ги поврзува и грижата за здравата и чиста околина, како и хуманоста кон социјално загрозените лица.
Утре, од 11 до 15 часот, Домот на култура во Кисела Вода, ќе биде собирно место за сите жители од општината, па и пошироко, кои таму ќе можат да донираат храна и облека. Донациите се наменети за децата од Дневните центри за деца улица во Кисела Вода и Шуто Оризари, како и за социјално-загрозените семејства од Кисела Вода.
Истовремено, ги покануваме сите граѓани кои сакаат да дадат свој придонес во акцијата за чиста Кисела Вода. Со здружени сили ќе се работи на чистење на Расадник и потегот околу паркот Македонија. За сите волонтери, обезбедени се ракавици, вреќи и топол напиток во Домот на културата во Кисела Вода“, каде заинтересираните ќе можат да слушнат и за активностите што ги нуди Еразмус + програмата за младите лица.