На терен се екипите на градежната фирма “Урбан Десинг” ДООЕЛ Скопје кои до средината на септември треба да завршат со поставување на павер елементи на подлога од песок и тампон, од двете страни на коловозот. Вкупната квадратура на тротоарите ќе изнесува 1725м2.
Коловозот на улицата “Иван Козаров” беше реконструиран во 2010 година. Тогаш стариот асфалт беше комплетно отстранет и заменет со нов, се уредија сливниците за собирање на атмосферските води, а беа сменети и оштетените рабници. Градежните зафати кои општина Кисела Вода во моментов ги изведува, треба да обезбедат побезбедно движење на пешаците, но и безбедно паркирање на возилата. Имено, паралелно со реконструкцијата на тротоарите, се изведува и паркинг простор за подолжно паркирање, кој ќе биде со должина од 67м и ширина од 2м.
Дополнително, во наредна фаза, овој простор ќе биде и хортикултурно уреден.
Општина Кисела Вода за реализација на овие активности од својот буџет издвои 2 310 000 денари.
Воедно, би сакале да апелираме до сите граѓани кои живеат на оваа улица или во близина, за нивно трпение и разбирање додека траат градежните зафати. Сепак, се работи за проект кој има за цел подобрување на условите за живеење на сите жители на општината, а посебно на оние кои тука живеат и секојдневно сообраќаат по оваа улица.