Екипите на фирмата изведувач Факом АД Скопје, по налог на општина Кисела Вода, од рано изутрина ги отпочнаа активностите кои треба да обезбедат сигурен и безбеден премин на пешаците преку реката Мала Рада, што е посебно важно во врнежливиот период од годината кога протокот на оваа река е зголемен, па високото ниво на водата го оневозможува движењето на населението.
Мостот е со должина од 10 метри, а неговата конструкција е челична, со спрегната коловозна плоча. Челичната конструкција се состои од два главни решеткасти носачи со системска височина од 1,27 м, поставени на меѓусебно растојание од 2,81 м и корисна (сообраќајна) широчина од 2,50 метри. Предвиден е за пешачки сообраќај и лесен моторен сообраќај. Истиот беше едно од приоритетните барања на жителите на селото Драчево во изминатите неколку години.
За реализацијата на овој проект, општина Кисела Вода од својот буџет издвои 1 800 000 денари. Доколку дозволат временските услови, треба да биде завршен до средината на ноември, кога треба да се заврши и со асфалтирање на пристапните улици кои водат до мостот.