Ова не е прв проект на општина Кисела Вода за подигнување на јавната свест за заштита на животната средина поради зголемената загаденост на амбиенталниот воздух во зимскиот период. Имено, пред почетокот на грејната сезона оваа локална самоуправа спроведе кампања со џинглови на неколку радиостаници во кои беше укажано на штетноста од горење на влажни дрва, автомобилски гуми, стари весници или дотраен мебел или паркет за загревање на домот. Покрај апелот до граѓаните да ги користат дозволените суровини за затоплување, апелиравме и за редовно одржување на оџаците во објектите каде за затоплување се користи огревно дрво.
Воедно, општина Кисела Вода е првата која во насока на заштита на животната средина воведе комплетно еколошки метод на греење со биомаса во неколку од градинките и училиштата од овој дел на градот. Предноста на овој систем е во тоа што користејќи овошни семки и пелети како енергенс, штетните емисии на јаглероден диоксид се сосема избегнати. Овој енергетски ефикасен модел на загревање постапно се применува и во останатите градинки и училишта во општината.