Покрај претставниците од Секторот за образование, предучилишно воспитување, култура и спорт при општина Кисела Вода, настанот со своето присуство го збогатија и амбасадорот на Унгарската амбасада во Република Македонија неговата екселенција д-р Јожеф Бенце, заменик амбасадорот Ѓула Шомоѓи, претседателот на здружение на унгарците во РМ - Јожеф Шутуш, Паскал Гилевски, македонскиот писател кој ја преведува поезијата на Шандор Петефи, но и директори на училиштата од општина Кисела Вода, претставници од месната заедница Драчево и жители од населбата Драчево.
Во своето обраќање пред присутните, амбасадорот Јожеф Бенце го спореди поетот и револуционер Шандор Петефи со македонските херои Гоце Делчев и Кочо Рацин. Потенцираше дека Шандор Петефи не е само поет на Унгарија туку и национален херој и револуционер. Со неговата поезија во 1848 година започнала револуцијата во Унгарија. Амбасадорот Бенце упати и голема благодарност до Општина Кисела Вода за својот придонес во одбележувањто на овој голем ден за унгарскиот народ.
Општина Кисела Вода пред 4 години, на иницијатива на Здружението на Унгарците во Македонија и Амбасадата на Република Унгарија во Македонија ја постави спомен плочата во чест на најславниот унгарски поет и револуционер Шандор Петефи на истоимената улица во населба Драчево. Спомен плочата е поставена во знак на голема почит кон унгарскиот народ, како и за зближување на двата народа, а воедно и промовирање на културата на Унгарците во Р. Македонија.