По завршувањето на продолжениот рок за поднесување барања за легализација, кој истече на 31 март, бројот на предмети што треба да бидат решени е 13 849, односно 1734 граѓани ја искористиле дополнителната можност што ја даде Владата на Република Македонија и поднеле барање за легализација до општинските служби.
Се уште е голем бројот на предмети без комплетирана документација. Во овој момент, 4169 предмети се без геодетски елаборат. Рокот за доставување на истиот за новодонесените барања е до крајот на 2017 година, а за граѓаните кои претходно имаат поднесено барање, рокот за докомплетирање на документацијата е до 31.12.2016 година. Секако, и во двата случаи, говориме за дивоградби што се изградени до 2011 година. Се надеваме дека граѓаните нема да ги чекаат крајните рокови и дека што поскоро ќе ја достават документацијата до административните служби.
А општина Кисела Вода ќе продолжи да работи со несмалена динамика на заокружувањето на процесот на легализација, што треба да доведе до рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа за сите жители на овој дел од градот.