Градоначалникот Коце Трајановски го појасни проектот кој треба да заврши за 90 работни дена.
-Ќе се извади целокупниот асфалтен слој, постелката долу ќе се обнови, со оглед на тоа што долниот слој под асфалтот не е стабилен, значи ќе се стабилизира. Значи, ќе мора да се вади целиот асфалт, за разлика од други места каде што само гребевме и стававме нов слој. Овде ќе има малку поголема и подлабока реконструкција . Исто така ќе бидат обновени тротоарите од двете страни- наведе градоначалникот Трајановски.
Градоначалникот на општина Кисела Вода наведе дека реконструкцијата на “Народни херои” е уште еден од низата заеднички проекти кои градот Скопје ги изведува во оваа општина, секако, во тесна соработка со службите на општина Кисела Вода, за што упати благодарност-пред се до градоначалникот Коце Трајановски и до градот Скопје, за овој и сите други заеднички проекти кои се одвиваат на оваа територија. Воедно ги наведе активностите што општина Кисела Вода ги презема на своја територија.
-Како локална самоуправа би сакала да истакнам дека во моментов се одвиваат инфраструктурни градежни активности и од страна на на општина Кисела Вода со избраната фирма на јавниот тендер. Во моментов ние имаме по локалните улици две екипи за асфалтирање и санација на ударни дупки по утврдениот распоред, преку месните и урбаните заедници. Во оваа прилика би сакала да ги замолам жителите на општина Кисела Вода за разбирање и толеранција при одвивање на ваквите градежни активности и секако, на сите учесници во сообраќајот кои поминуваат низ територијата на општина Кисела Вода-изјави градоначалникот на општина Кисела Вода.
Градот Скопје во наредниот период планира да обнови уште 400 метри од улицата Народни херои, се до вкрстувањето со булеварот Борис Трајковски.