Во првото полувреме се обидувавме да фатиме резултатски приклучок со фаворизираниот словенечки шампион, но веќе во вториот дел, да израз дојде и нивниот неоспорно висок квалитет. Најефикасни кај домаќините беа Американката Кетлин Матие со 17 и Нена Трајчевска со 13 постигнати кошеви, додека кај гостинките од Цеље непогрешлива беше Ана Марија Презељ со 36 постигнати кошеви. Инаку, во ,,Б“ групата од регионалното натпреварување на женската АБА лига, покрај КК Бадел 1862 и Атлете Цеље се натпреваруваат уште и Црвена Звезда од Белград, бугарскиот шампион КК Монтана и КК Будуќност од Подгорица. Во третото коло, вечерва, нашиот шампион КК Бадел 1862 ќе гостува на бугарскиот шампион КК Монтана.
- Ќе се обидеме достојно да ја презентираме македонската кошарка во ова регионално натпреварување, каде за противници имаме тимови со богата кошаркарска историја и со огромни буџети. Наша цел е да стекнуваме искуство од нашите натпревари со нив, но полека и сигурно да ја градиме и нашата перспектива. Само да посочам, дека, во АБА лигата во јуниорска конкуренција нашиот тим забележа две победи против Копривница со 98:36 и против Медвешчак Загреб со 61:43, - истакна тим менаџерот на КК Бадел 1862, Љупчо Павловски.