Во рамки на одбележувањето на празничниот ден на локалната самоуправа, традиционално награди добија и најталентираните основци од училиштата на територија на општина Кисела Вода.
Во рамките на проектот “Општината ги стипендира најдобрите”, талентираните и надарени ученици од основните училишта на оваа територија, кои во текот на учебната 2016/2017 година освоија награди на натпреварувањата од областа на науката, спортот, културата и уметноста, од општина Кисела Вода добија награди, кои како што беше истакнато, освен што значат признание, треба да бидат поттик за нивната понатамошна работа и подигнувањето на квалитетот на образовната средина за учениците.
Во 11 часот, Советот на Општина Кисела Вода, одржа свечена седница на која Претседателот на Советот, пред актуелните и поранешните советници и гостите и пријателите на општината, потсети на историјатот на Кисела Вода и се осврна на проектите кои се реализираа во изминатиот период.
Целодневното одбележување на 62-риот роденден на Општина Кисела Вода беше заокружено со коријада во паркот Шопен, во организација на општината и Здружението на пензионери од општина Кисела Вода која беше збогатена со културно - уметничка програма, со многу песни и ора изведени од пензионерите фолклористи.