На заедничка маса, се дискутираше за предизвиците со кои се соочуваат деловните субјекти на територија на Општината, како и за можноста за нивно надминување преку заедничко пронаоѓање на соодветни решенија и подигнувањето на општествената одговорност на компаниите. Градоначалникот Темелковски истакна дека е отворен за соработка и сака да ги слушне барањата, сугестиите и предлозите на бизнис заедницата.
На средбата, директорот на агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски промовираше една од мерките која има за цел да ги помогне клубовите, спортските федерации, но и индивидуалните спортисти. Имено, спортистите од Агенцијата за млади и спорт и Владата на РМ ќе добијат ваучери кои можат да ги депонираат во деловните компании и за нив да добијат финансиски средства, а пак компаниите кои ги пласирале ваучерите за нив, на крајот од годината ќе добијат даночно ослободување во висина од 40%. Со oваа мерка, Владата и АМС сметаат дека дека ќе се обезбеди дополнителен прилив на средства кои ќе значат директна финансиска инјекција за спортистите и помалите, локални клубови и ќе обезбедат неговото издигнување на повисоко ниво.
Градоначалникот Филип Темелковски истакна дека локалната самоуправа треба да биде мостот помеѓу централната власт и граѓаните и компаниите. Во насока на подобрување на деловното опкружување, најави дека се планира формирање на совет на стопанственици, кој ќе обезбеди развој, подобрување на бизнис климата, како и отворање нови работни места и поквалитетен живот на сите граѓани на Општина Кисела Вода. Најави детални анализи за утврдување на дефицитарните профили на пазарот на трудот и отворање на работилници за дообучување на невработените лица по месните заедници, за нивно полесно снаоѓање на пазарот на трудот и намалување на невработеноста.