Право на учество на конкурсот имаат сите ученици од основните училишта во Општина Кисела Вода кои имаат наполнето 10 години. Изработените трудови може да бидат во сите видови на пишувана форма (есеи, раскази, поезија...) или во вид на видео презентација со пропратен текст, а ќе ги оценува комисија од Општина Кисела Вода. Крајниот рок за нивно доставување е 12. 03. 2018 година. За најдобрите учесници на конкурсот се обезбедени и награди. Имено, наградените за двете освоени први места, во секоја од зададените теми, од страна на Амбасадата на Унгарија во Македонија и Здружението на Унгарците во Македонија “Теледом”, ќе добијат организирана деветдневна екскурзија во Унгарија (02-11. 07.2018 год.). Воедно, најдобрите трудови ќе бидат јавно прочитани на свеченоста по повод Националниот ден на Унгарците, која ќе се одржи на 16 март пред спомен плочата на големиот унгарски поет и револуционер Шандор Петефи во населбата Драчево.
Ова е само еден од проектите што беа договорени на неодамнешната средба на градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски со Амбасадорот на Унгарија во Македонија, неговата екселенција Ласло Дукс.