Темелковски и на овие две средби беше придружуван од страна на секретарот, Александар Алексовски, како и од дел од раководителите на стручните служби од општината. На овие состаноци присутни беа и претставници од ПС Кисела Вода.
Градоначалникот на овие средби ги информираше граѓаните за активностите кои општината ќе ги започне во периодот што следи. Темелковски најави дека во урбаната заедница Црниче планирано е да се отпочне со изградба на нови скали помеѓу ул. Востаничка и ул. Рилски конгрес, ќе се изврши и реконструкција на ул. Банско, додека, ул. Рилски конгрес ќе добие нови тротоари. Покрај ова, ќе се започне и со изградба на атмосферска канализација на ул. Востаничка, а според планираното ќе се изврши и гасификација во урбаната заедница.
И на средбата со жителите од урбаната заедница Пржино, градоначалникот Темелковски информираше за активностите кои ќе се спроведат. Според предвиденото, во периодот што следи, во УЗ Пржино ќе се започне со изградба на атмосферска канализација на најголемиот дел од улиците, а ќе се изврши санација и реконструкција на ударните дупки. Граѓаните беа инфомирани и за тоа дека во нивната урбана заедница планирана е гасификација. Воедно, ќе се реализира и проект за доуредување на спортскиот комплекс Славија.
Вечерва градоначалникот Филип Темелковски ќе се состане со жителите од месната заедница Подстаница. Средбата ќе се одржи во просториите на МЗ Подстаница, со почеток во 19:00 часот.