Поддршка на проектите искажа и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, која во своето обраќање порача дека работата на локалната самоуправа и полицијата се сведува на еден заеднички именител, а тоа е дека и двете институции со своето делување претставуваат “сервис на граѓаните”.
-“Партнерскиот однос помеѓу полицијата и локалната самоуправа, односно локалното население е клучот на успехот за рано откривање и превенција, односно сузбивање на криминалот на нашите улици, во нашите маала и населби. Овие два проекта кои се во реализација на полициската станица “Кисела Вода” ја имаат токму таа функција – создавање на партнерски односи и односи на меѓусебно разбирање и доверба помеѓу полицијата и локалното население – потенцираше Беличанец - Алексиќ.
Таа се заблагодари на претставниците на Министерството за внатрешни работи – Оддление за превенција, командниот кадар на полициската станица “Кисела Вода” и особено на теренските реализатори на овие проекти, на кои им порача дека Општина Кисела Вода дава огромна поддршка на проектите и им стои на располагање за секакви дополнителни активности во рамките на нејзините надлежности.
Помошник-командирот на полициската станица “Кисела Вода”, Благоја Стојановски ги презентираше проектите пред претседателите и секретарите на месните и урбани заедници, директорите на основните училишта и дел од членовите на комисијата за јавна безбедност во Советот на Општина Кисела Вода, а во своето излагање потенцираше дека без взаемна соработка и доверба помеѓу граѓаните и полицијата, резултатите ќе изостанат.
Целта на проектите е да се зајакне довербата во полицијата, граѓаните да се запознаат со новиот начин на работа на полицијата, како и зајакнување на партнерството помеѓу граѓаните и полицијата во насока на зголемување на безбедноста на имотот на граѓаните.