Се до 31 март идната година, односно до целосно искористување на набавената количина од 100 илјади микрочипови, сопствениците на домашни миленичиња можат истите бесплатно да ги микрочипираат во некое од 135-те ветеринарни друштва со кои Агенцијата има склучен договор. Кампањата ќе се спроведе по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Микрочипирањето е безболно, а микрочипот се аплицира во пределот меѓу плешките. Микрочипот е мал електронски уред, како зрно ориз. Содржи информации за сопственикот на миленикот, расата на кучето, полот, за тоа дали е вакцинирано и кога е третирано со средство против паразити. Овие податоци во вид на низа од бројки, се внесуваат во електронски систем од каде се веднаш и брзо достапни.
Граѓаните кои во зададениот временски период нема да ја искористат бесплатната апликација за микрочипирање ќе треба да платат 800 денари само за микрочипот и дополнителни средства за апликацијата. Секој сопственик има законска обврска да го микрочипира својот миленик и доколку тоа не го стори предвидена е санкција од 30 евра во денарска противвредност. По завршувањето на кампањата Агенцијата ќе спроведе засилени контроли за да провери дали сопствениците извршиле идентификација и регистрација на нивните миленици.
Проверка дали некое домашно милениче е чипирано или не, ќе се прави доколку биде заловено и однесено во прифатилиште. Доколку се утврди кој е сопственикот на миленичето, ќе се стапи во контакт со него, а доколку не било микрочипирано, се плаќа казна од 50 до 75 евра. Микрочипирањето ќе помогне и при пронаоѓање на изгубени миленици. Кампањата за бесплатно микрочипирање на милениците е дел од тригодишната стратегија што ја донесе АХВ за да се обезбеди здравствена заштита и благосостојба на животните, но и за да се поттикне одговорното сопствеништво, како и да се намали бројот на кучињата скитници по улиците низ државата.
Списокот на ветеринарни друштва кои ќе вршат бесплатно микрочипирање на домашните миленици е достапен на следниот линк: