Со одигрувањето на овој натпревар финишираше одбележувањето на „Европската недела на спортот“ во Кисела Вода.
За потсетување, во паркот Шопен се одбележаа „Европската недела на мобилност“ и „Европската недела на спортот“. По тој повод, во паркот се одржаа спортски активности и ликовен хепенинг на кој ученици од основните училишта сликаа на тема „Скопје град без возила“. Додека пак, по повод „Европската недела на спортот“ во истиот парк се одржаа и спортски активности на кои од страна на професионални спортисти на децата им беше покажано како правилно да спортуваат .
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски ги проследија овие активности на учениците.
Воедно, во рамки на одбележувањето на овие два настани, полициски службеници од СВР Скопје - одделение за превенција и ПС Кисела Вода во паркот им даваа совети на присутните граѓани и им поделија материјал со едукативна содржина.
Имено, од почетокот на одбележувањето на „Европската недела на спортот“, во Кисела Вода се одржаа повеќе спортски настани, се играше одбојка, кошарка и ракомет. Дечињата од градинките и учениците од основните училишта во Кисела Вода имаа можност да се дружат, запознаат и спортуваат со познатите македонски спортисти Елена Бубало, Марија Ѓурчиновска, Мартин Стефановски, Златко Диманоски, Драган Мицевски, Кристијан Вангелов, Даниел Трбогазов, Милева Велкова, Филип Василевски и Жарко Батиќ. Сите вклучени во овие активности од Агенцијата за млади и спорт добија маички со логото на кампањата #BeActive.
Проектот „Европска недела на спортот“ во Кисела Вода се реализираше во организација на Агенцијата за млади и спорт, со поддршка од градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски.
Локалната самоуправа и во иднина ќе продолжи да дава поддршка на настани кои ќе го промовираат спортот, здравиот начин на живот, се со цел за правилно развивање и насочување на младите.