Посетителите, за кои влезот е слободен, ќе имаат можност да уживаат во креациите на аматерите и професионалците во оваа дејност, да гласаат и заедно со жири комисијата да ја изберат најдобрата карвинг креација. Во организација на Општина Кисела Вода, Хуманитарната организација СВЕТИ СПАС, Град Скопје и хуманитарната организација Ангелчиња-ХОА, по завршување на настанот, тортите ќе им бидат подарени на децата од СОС детско село и на граѓаните корисници на народните кујни во Општина Кисела Вода и Општина Ѓорче Петров.
Исто така, во склоп на оваа манифестација е изложбениот саем, каде сите земји учеснички ќе направат своја презентација од областа на туризмот и новитетите во областа на угостителството. Граѓаните ќе можат да ги разгледаат изложбените штандови, да се запознаат со нивната содржина и да бидат дел од нивните промотивни понуди и наградни игри. Во текот на хепенингот, ќе се одржи и таканаречен натпревар под притисок, каде учесниците ќе имаат само 10 минути да ја покажат својата умешност во украсување на торти, на зададена тема од страна на жирито. Ќе биде изработена и роденденска торта од слаткари од сите земји која потоа ќе им биде поделена на посетителите. Сево ова ќе биде проследено со богата музичка програма и многу изненадувања за сите кои ќе одлучат да го минат своето саботно попладне во Веро центарот.