-“Секојдневно се соочувам со наши сограѓани кои доаѓаат во општината и бараат вработување. Одговорот е едноставен: Општината не вработува, но Општината треба да создаде услови за вработување, за создавање инвестиции и еднакви услови и за домашните и за странските инвеститори – порача Беличанец – Алексиќ, додавајќи дека општината Кисела Вода целосно е посветена на тоа поле создавајќи инфраструктурни услови за компаниите.
Таа им порача на претставниците на бизнис-заедницата од општината Кисела Вода, дека локалната самоуправа секогаш им стои на располагање за преземање активности од нејзина надлежност во насока на зајакнување на врската помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд.
-“Општина Кисела Вода дополнително ги нуди своите капацитети да стане медијатор помеѓу жителите и бизнис-заедницата, со една единствена цел – да се зголеми стапката на вработеност на локално ниво” – потенцираше Беличанец - Алексиќ.
На форумот се обрати и раководителот на Центарот за вработување на Град Скопје, Слободанка Алексовска, која ги презентираше активните програми и мерки за вработување пред бизнис-заедницата од општината.
-“Целта на овој форум е работодавачите да се информираат за можностите што можат да ги искористат за креирање нови работни места. Така ќе можат да ги планираат своите човечки ресурси за наредната календарска година со цел зголемување на интересот и апликациите при искористување на новите активни мерки за вработување и остварување што е можно повеќе вработувања” – појасни Алексовска.