Согласно проектот, зголемувањето на капацитетот и квалитетот на водоводната мрежа ќе се изврши преку поврзување на водоводната мрежа од улицата “Јустинијан Први” (поранешна “Драчевска”), до изградената пумпна станица за високата зона и манастирот “Пеленица”, во должина од околу 554 метри. На местото на приклучок на улицата “Јустинијан Први” предвидена е изградба на приклучна шахта во која ќе бидат сместени сите потребни арматури и фасонски парчиња.
Оваа активност следи по изградбата на нова водоводна мрежа за месноста “Порупи” во 2009 година, со која се реши долгогодишниот проблем на жителите на ова населено место со малиот притисок на водата, особено во летниот период.
За оваа активност општината Кисела Вода од својот буџет издвои 4.431.067,00 денари, а градежните работи се очекува да завршат за околу 2 месеци.