Мобилни тимови организирани од општината вршат прскање за дезинфекција со цел превенција и заштита на здравјето од корона вирусот. Се работи во сите месни и урбани заедници.
Опфатени беа и просториите на општината.
Претходно, во соработка со Центарот за јавно здравје, се спроведе и голема акција за дезинфекција во сите детски градинки, основни и средни училишта, лоцирани на територијата на Општина Кисела Вода. Сакаме да потсетиме и дека во рамките на работните активности за превенција и заштита на здравјето на граѓаните од корона вирусот, Општина Кисела Вода заедно со Град Скопје, тимовите на Црвениот Крст и хуманитарната организација Св. Спас, организираа можност за бесплатна сервисна помош за лицата со попреченост или инвалидност, лицата во самоизолација, повозрасните лица, и сите останати жители со одредени хронични болести.
Тие, секојдневно, за своите потреби, за набавка и достава на прехранбени производи, лекови и средства за лична хигиена, во временскиот период од 08:30 до 12:30 часот, можат да ги контактираат тимовите кои имаат задача бесплатно да им помагаат. Нагласуваме дека доставата е бесплатна, а за набавката граѓаните треба да издвојат финансиски средства. За повикување на мобилните тимови на цела територија на Општина Кисела Вода, граѓаните, можат да се јават на следните телефонски броеви: Црвен крст Кисела Вода: 070/379-456 и 02/3211-417.
Општина Кисела Вода веќе е во контакт со Советот на стопанственици од овој дел на Скопје и апелира до нив во овие тешки моменти да ја покажат својата општествена одговорност и да излезат во пресрет на граѓаните согласно своите можности. Воедно, апелираме и до сите граѓани да ги почитуваат препораките дадени од Владата и Министерството за здравство за правилна домашна изолација и одговорно однесување.