Со пописот на урбаното зеленило во рамки на првата фаза од проектот, во сите основни училишта и градинки на територијата на општината, и во урбаните заедници „Бирарија“, „11 Октомври - згради“ и во дел од УЗ „Цветан Димов“, беа евидентирани сите зелени површини, дрва и останати садници. Со втората фаза од проектот, која во моментов е во тек, во дел од УЗ „Цветан Димов“ и во УЗ „Кисела Вода“, ќе бидат опфатени 2.300 дрва и грмушки.
Сите информации за урбаното зеленило во Кисела Вода, ќе бидат поставени на официјалниот Катастар за зеленило, кој ќе биде достапен на веб страната на Општина Кисела Вода. Собирањето и анализата на просторните податоци за зеленилото, на терен го врши фирмата „Трифор“.
Согласно правилникот за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото, Зелениот катастар е попис и „лична карта“ на урбаното зеленило и претставува основа за изработка и следење на спроведувањето на Стратегија за развој на зеленилото, Основен план за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото и Годишна оперативна програма за подигање и одржување на урбаното зеленило. За секое регистрирано дрво и грмушка ќе има податоци за степенот на апсорпција на штетни материи преку утврдените индикатори на штетност, неговата старост, потенцијалната опасност и потреба од сеча, а ќе се утврди и можноста за засадување на нови садници.
Општина Кисела Вода минатата година во соработка со Градот Скопје и со УНДП, започна со активности за изработка на Катастар на зеленило.