На самиот почеток, беа доделени благодарници за успешна соработка на Општина Кисела Вода и на други помагатели на “Китка”. Заблагодарувајќи се, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето обраќање ја назначи важноста на овој фолклорен ансамбл кој е препознатлив белег на Драчево, но и на цела општина Кисела Вода.
-Од самиот почеток на своето постоење, се до денес, “Китка”, претставува културен ентитет кој успешно придонесува за афирмација на македонскиот фолклор и традиција ширум светот. Културата е нераскинлив дел од човековото битисување. Таа е наше духовно богатство кое сведочи за постоењето и опстојувањето на македонскиот народ. А фолклорот е нејзиниот ракопис. Македонските народни ора и песни се вековна традиција и сведоштво за историјата, за верувањата и обичаите на нашиот народ. Тие се автентична потврда на македонскиот идентитет.
КУД “Китка” повеќе од 50 години го исполнува аманетот од нашите предци - преку ритамот, преку песната, преку носијата и орото, гласно да говори пред светот за Македонецот, за македонскиот народ, за Македонија- подвлече Ѓорѓиевски, додавајќи дека обврска на локалната самоуправа, и негова, како градоначалник е да се обезбеди сеопфатна поддршка на овие уметници кои се наши културни амбасадори ширум светот.
Низ двочасовната “Прошетка низ Македонија”, КУД Китка се претстави со многу познати македонски традиционални ора и песни. На сцената нив ги донеса преку 80 играорци низ различни кореографски постановки, а посебен белег оставија и уникатните македонски носии.
Раководството на овој фолклорен ансамбл беше задоволно од приемот кај публиката, но и поради тоа што со овогодинешниот концерт на КУД Китка, за првпат беше отворена и салата за свечености во Домот на културата во селото Драчево.