Во чест на мајчиниот јазик, се рецитираа стихови од еминентни македонски поети, а беа доделени и награди и дипломи за најуспешните на претходно распишаниот литературен и ликовен конкурс.
И бидејќи потписот на македонскиот јазик е овековечен низ азбуката, но и низ чекорите на македонското оро, како дел од нашата традиција и култура, учениците од “Невена Георгиева Дуња”, одбележувањето на Денот на мајчиниот јазик го заокружија со изведба на традиционалното ”Бовчанско оро”, во препознатливи македонски носии.
Меѓународниот ден на мајчинот јазик се одбележа и во ООУ “Кузман Јосифовски Питу”.
Учениците од шесто до деветто одделение, на часот по македонски јазик твореа на тема: “Македонија, македонски засекогаш!”. Покрај лирските творби, тие изработуваа и постери на истата тема, кои потоа беа изложени на училишните паноа.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, УНЕСКО го прогласи на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година. Во 2000 година овој ден е промовиран и како Ден на лингвистичката и културната разновидност и повеќејазичност.