-Со денешното асфалтирање го финализираме проектот со кој жителите на овој дел од општината добиваат нов паркинг простор на површина од околу 700m² и капацитет за 70-тина возила. Ова секако ќе го олесни живеењето и нормалното функционирање на граѓаните со адреса на улицата “Христо Татарчев”, како и на останатите кои ќе имаат потреба таму да се паркираат. Креирањето на нов модерен лик на Општина Кисела Вода подразбира решавање и на проблемот со недостиг од доволен број на паркинг места, на што интензивно работиме. Покрај овој проект, кој е во финална фаза, во изминатиот период, изградивме повеќе паркиралишта, како паркингот на улицата “Бранко Заревски” во населбата Драчево, каде се гради и уште еден, на улицата Коперникова. Нов паркинг простор се гради и на улицата “Ѓорѓи Димитров”, веднаш спроти ДУРДМОВ “Димитар Влахов”. Решение за сообраќајот во мирување добија и жителите на Бирарија, каде е изграден паркинг непосредно до градинката, како и граѓаните кои живеат во близина на бензиската станица кај Мечкаров. Во фаза на изградба е паркиралиштето во Расадник, а веќе е нарачан сообраќаен проект и за улицата “Иван Козаров”-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски додавајќи дека Општина Кисела Вода ќе продолжи да изнаоѓа квалитетни решенија за намалување на метежот и подобрување на функционалноста на сообраќајот.