-“Сакам да Ве информирам дека Општинската градежна инспекција е перманентно на терен и секоја нелегална градба која ќе се детектира, а истата не е подведена под Законот за третман на бесправно изградени објекти, односно нема легална документација за градба, веднаш ќе биде срушена. Под ова се подразбира секоја доградба и надградба на постоечките нелегални објекти, но и секоја нова градба која е започната, а е со некомплетна документација и не се гради во согласност со нормативите на Законот за градење” – потенцираше Беличанец - Алексиќ.
Таа истакна дека при легализацијата на дивоизградени објекти главна улога имаат граѓаните и општината и уште еднаш ги повика сите граѓани да ја комплетираат својата документација.
-“Крајниот рок за доставување на елаборатот е 18 јуни 2014 година, што подразбира дека граѓаните имаат само уште неколку месеци да ја докомплетираат документацијата, односно да го достават геодетскиот елаборат” - рече Беличанец - Алексиќ.
Беличанец - Алексиќ потсети и на мерките на Владата за финансиско олеснување на процесот на легализација за социјално ранливите категории, на кои им овозможи да плаќаат половина од цената за геодетските елаборати, а укажа и на фактот дека бенефитот од успешно заокружување на процесот на легализација ќе биде заеднички. Граѓаните ќе станат сопственици на нивните имоти, а општината ќе може да донесе нови детални урбанистички планови, во кој ќе бидат впишани и новолегализираните објекти, што е и крајна цел на овој процес.
- “Општина Кисела Вода веќе започна со носење на неколку клучни урбанистички планови, кои се во согласност со новиот ГУП на Град Скопје, а се во насока на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Со новите детални урбанистички планови, на граѓаните и бизнис заедницата им даваме шанса за изградба на нови објекти и проширување и реконструкција на постоечките, но само во законски пропишаните процедури” – заврши Беличанец – Алексиќ.