Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Беличанец Алексиќ изрази задоволство за отворањето на подрачната канцеларија, потенцирајќи дека од денеска сите жители, сите правни и физички лица од општината Кисела Вода ќе можат да ги користат услугите на Агенцијата за вработување преку оваа канцеларија.
-“Искрено се надевам дека на овој начин ќе придонесеме невработените граѓани полесно и побрзо да се евидентираат во Агенцијата, а на Агенцијата за вработување ќе и овозможиме полесно и проактивно да ги промовира активните мерки и програми за самовработување, како и да направи посеопфатна анализа на пазарот на трудот” – изјави Беличанец - Алексиќ.
Целта на отворањето на дисперзираната канцеларија, според надлежните од Агенцијата за вработување е да се доближат на услугите кои ги нуди Агенцијата до жителите на Општина Кисела Вода, но и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, ефикасноста и ефективноста на услугите кои се обезбедуваат, како за лицата кои бараат работа, така и за работодавачите.
-“Услугите кои ги нуди Агенцијата за вработување, како и активните мерки за вработување сега ќе им бидат достапни на граѓаните на Кисела Вода, но и на околните населени места” – изјави директорот на АВРМ, Влатко Поповски.
Подрачната канцеларија е сместена во просториите на урбаната заедница во населбата Драчево, а ќе работи секој работен ден од 8.30 до 16.30 часот.