Рано изутринава, пак, Рождеството Христово во домовите го најавија децата коледари. Православните христијански верници денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.
Бадник е празник за семејството. На овој ден не се оди на гости и сите треба да бидат во своите домови покрај најблиските. Според традицијата, вечерта целото семејство се собира околу бадниковата трпеза, која треба да биде празнична и богата, но задолжително посна. Бадник го означува крајот на 40-дневните божикни пости. Домаќинките приготвуваат тавче-гравче, риба, сарма, питулици, компири а ставаат и овошје за трпезата да биде побогата.