На трибината говореа директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, директорот на Федерацијата на училишен спорт, проф.Александар Туфекчиоски, Јадранка Ѓорѓиевска од Секторот за основно и средно образование при МОН, претставници од Одделението за спорт на општина Кисела Вода, како и директорите и наставниците по физчко воспитување од училиштата на територија на општина Кисела Вода.
-Заинтересираноста на учениците за училишниот спорт во моментов опфаќа околу 8-10% од вкупниот број на ученици во Република Македонија, а заложбите на Владата на Република Македонија заедно со Агенцијата за млади и спорт, Министерството за Образование и Наука, ЗЕЛС и Федерацијата на училишен спорт, се наредните две години да бидат опфатени со дополнителни спортски активности околу 36% од вкупниот број на ученици-истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески. Нагласи дека повратните информации од општините, по предложените насоки доставени до сите градоначалници, говорат дека интересот за формирање на училишни спортски клубови е многу голем, и се очекува покрај досегашните 50-тина, да се формтираат ушто 80 до 100 нови клубови до крајот на 2014.
-Министерството за Образование и Наука ја смета имплементацијата на училишниот спорт во образовниот систем за своја темелна програмска определба со која се нагласува грижата кон младите генерации. Оттука и надежта дека и другите општини ќе ја следат општина Кисела Вода, која е лидер во локално организирање на спортот уште од најмала возраст-изјави Јадранка Ѓорѓиевска од Министерството за Образование и Наука.
Претседателот на Федерацијата на училишен спорт, професорот Александар Туфекчиевски, ја потенцираше одговорноста на директорите и наставниците по физичко воспитување во училиштата за развој на училишниот спорт , во услови кога државата е максимално ангажирана и посветена на обезбедување услови за негов развој. Воедно, додаде дека ова ќе биде одлична можност за вклучување на невработените наставници по физичко воспитување во образовниот процес.
На дебатата се говореше и за можноста за зголемување на бројот на часови по физичко воспитување во редовната настава, улогата на оперативниот менаџмент во образовните установи, можните модели за организирање на училишните спортски клубови , како и за воведувањето физичко воспитување во градинките, како младите уште од најмали нозе би можеле да ги увидат придобивките од занимавањето со спорт.