На средбата, претседателот на Комисијата, Поповска, присутните ги запозна со зачетоците на формирањето на Македонско женско лоби во 2000год. во кое се обединија жени од различни структури и потекло- политички партии, невладини организации, влада, локална самоуправа, медиуми, експерти и синдикатот.
- Главна цел беше да се зголеми бројот на жени во политиката и на раководни места, отворање и решавање на прашања поврзани со родовиот аспект, посилна позиција на жените во општеството, поголема толеранција и општествена кохезија-истакна Лилјана Поповска.
Низата активности во 2006 година резултираа со носење на Закон за еднакви можности на жените и мажите, а подоцна во 2010година и Закон за спречување и заштита од дискриминација. Главната цел на овие законски решенија се воспоставување на еднакви можности на жените и мажите во политичка, економска, социјална, образовна, културна, здравствена, граѓанска и било која друга област од општествениот живот, односно отстранување на пречките и создавање на услови за остварување на потполна еднаквост меѓу жените и мажите, а секако и градење и спроведување на низа механизми за заштита од секаков вид на дискриминација во секојдневното живеење.
На оваа средба се истакна и заложбата на општина Кисела Вода, постојано, во рамките на своите надлежности и можности во континуитет да работи на подобрување на политичко и економско јакнење на жените, борба против семејното насилство и насилството врз жените , подобрување на женското здравје, подобрување на статусот на децата, баланс меѓу приватниот и професионалниот живот на жените, борба против стереотипи и предрасуди и подигање на свеста за потребата од родова рамноправност.