Во спортската сала на ОУ “Св. Климент Охридски”, преку 80 ученици од прво до деветто одделение од основните училишта, настапија со музички и музичко – ритмички точки или ја покажаа својата умешност преку четка и боја.
Настанот беше отворен со настапот на учениците од ОУ “Круме Кепески” кои ја изведоа музичко-ритмичката точка “ На сред село тапан бие”.
Преку ликовната уметност, учество во мултимедијалниот проект зедоа и 20тина ученици од сите училишта од општината, кои сликаа на зададената тема.
Свои ликовни творби направија и учениците од училиштето “Др. Златен Сремац”, а учениците од “Димитар Влахов”, настапија во музичкиот дел. Конкретно, 5 дечиња изведоа музички композиции на хармоника.
Мултимедијалниот проект опфати и настап на ученици од сите училишта на територијата на општина Кисела Вода, кои играа зумба, хип хоп, класичен балет , а талентирани ученици свиреа на гитара и пееја познати музички теми.
Ова креативно и забавно дружење меѓу учениците кое е контратежа на нивната виртуелна дружба преку социјалните мрежи, го означува и крајот на оваа учебна 2013/2014 година. Учениците, задоволни од настанот коментираа дека убаво си го поминале денот, но и дека коментарите за него освен усно, ќе ги пренесат и на социјалните мрежи.