Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ, во денешната посета на објектот, разговараше со фирмата изведувач “Инком Инженеринг”, чии активности интензивно течат во насока на реконструкција и адаптација на две постоечки простории и изградба на сосема нов дел во ова подрачно основно училиште, во кои треба да работи градинката.
Ќе функционираат три групи од кои едната е јасли, а идејното решение изработено од општината опфаќа и креативни работилници, дистрибутивна кујна и перална.
Како дел од програмата за енергетска ефикасност која општина Кисела Вода ја имплементира во сите градинки и училишта на своја територија, и во ова училиште фасадата ќе биде заменета со нова, енергетски ефикасна, со што ќе се зголеми изолацијата на објектот. Исто така, постојниот дотраен покрив на училиштето ќе биде целосно реконструиран и со тоа ќе бидат надминати проблемите со протекување.
Општина Кисела Вода самостојно ги обезбеди средствата за овој проект , чија вредност изнесува 12 милиони денари. Истиот, е одговор на едно од најголемите барања на родителите од Припор кои досега своите деца мораа да ги носат во градинките во централниот дел на Кисела Вода.