- Велат дека за успешно градење на иднината основен предуслов е да се познава минатото. Децата се нашата иднина и затоа од најрана возраст мораме кај нив да ја развиеме свеста за потребата од познавање, почитување и негување на културното наследство. Денес во светот се повеќе се обрнува внимание на збогатувањето на едукацијата за минатото на човекот, древните култури, нивните обичаи, навики, верувања, истакна Канческа-Милевска.
Според неа, четивото на Фиданоска ги расветлува мистичните длабочини на македонската историја во кои се пронајдени бројни артефакти, материјални траги и докази кои зборуваат за цивилизациите што опстојувале на нашето тло.
- Овој музејски водич ќе биде многу интересен за децата, преку него наставниот кадар ќе може да го збогати едукативниот процес. Уверена сум и дека на интересен начин ќе влијае врз развојот на креативноста и размислувањето на децата за нашето минато, за историјата што ќе биде поттик да ги посетуваат музејските институции во Македонија, нагласи министерката.
Изданието содржи 12 теми, а преку впечатливите илустрации на Боркица Арсевска и раскажувачката способност на Фиданоска се претставени Големата мајка од Тумба - Маџари, наколната населба Заливот на коските кај Градиште, златната маска и златните предмети од Горна Порта, мозаиците од Хераклеа, крстилницата од Стоби, турската бања Даут пашин амам,...
За авторката Фиданоска, историчарка на уметност и кустос во Музејот, изготвувањето на книгата претставувало, како што напомена, голем предизвик, но и огромна одговорност, бидејќи е обид на најмладите да им се доближи и претстави една комплексна научна област.
Присутните ученици од ОУ Невена Георгиева-Дуња добија на подарок по едно издание од ова првенче на Археолошкиот музеј, кое се промовира еден месец од неговото отворање. Потоа, придружувани од своите наставници, директорот на училиштето и раководителите од Секторот за образование при општина Кисела Вода, извршија обиколка на Археолошкиот музеј, запознавајќи се со различните историски периоди, огромниот број на артефакти и сцени од животот на македонските предци, како и карактеритичните восочни фигури на личности од историскиот живот на Македонија.