Оваа година во општина Кисела Вода беа отворени два нови објекти, градинка во Припор објект „Стапалче“ кој е во склоп на градинката „8-ми Март“ и градинка во Црниче објект „Перуника“ која е во склоп на градинката „Весели Цветови“. Објектот Перуника е првиот јавен објект кој за загревање користи еколошко био гориво со што штеди енергија и не ја загадува околината.
На Свечената манифестацијата која се одржа во спортската сала „Независна Македонија“, се обрати Директорката на градинката „Весели Цветови“ г-ѓа Валентина Божиновска.
-Во овој момент би сакала искрено да се заблагодарам на општина Кисела Вода, на Градоналаникот г-ѓа Билјана Беличанец Алексиќ и на Претседателот на Совет на општината г-дин. Трајче Донев кои во континуитет инвестираат и превземаат најразлични активности за подобрување на условите во градинката Весели Цветови и во осовременувањето на воспитно – образовниот процес – истакна Директорката Валентина Божиновска.
Во пристигната честитика од кабинетот на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов беше потенциран континуираниот ангажман на вработените од градинката во немерливиот придонес за развојот, воспитувањето и образувањето на децата од предучилишна возраст.
Доделени беа благодарници на градоначалникот на општина Кисела Вода г-ѓа Билјана Беличанец Алексиќ, како и на сите претходни директорки меѓу кои беше и првата директорка на градинката „Весели Цветови“ Танка Николовска.
Децата од градинката од воспитните групи од 5 до 6 години ги почестија присутните со музички настап на тема „Некогаш и Сега“.