„После четири неуспешни обиди да дојдеме до овој драгоцен трофеј, успеавме да го освоиме во нашето петто Куп финале. Во оваа многу тешка сезона 2020/2021 за нас поради пандемијата, ние успеавме да се организираме и да реализираме пола од планираното. Бидејки сега апетитите ни се зголемија да ја оствариме и другата половина т.е. освојување на шампионатот. Оваа приказна нема да е ваква без нашите клубски членови, играчи, тренери, подржувачи и симпатизери. Моето семејство е целосно внесено во одбојкарскиот спорт и долгогодишното вложување конечно дојде до израз. Покрај моите најблиски, морам да изразам благодарност до сите наши тренери, кои не се малку и се премногу драгоцени. Но сето тоа не би било ако ги немавме основните услови за тренинг и натпревари, кои ни ги овозможува градоначалникот на Општината Кисела Вода, г-дин Филип Темелковски преку Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти со сите нивни вработени. Со ваква организираност и поддршка можеме да се пофалиме дека во првата лига жени имаме две екипи, и во првата лига мажи имаме екипа. Единствени сме во Македонија со сите младински категории во двете конкуренции. Со младите сме секогаш на врвот“ - изјави Горан Јаневиќ – Јанта, тренер на ЖОК „Јанта Волеј“.
„Во женска конкуренција сме последни шампиони во кадетска и јуниорска категорија, додека во машка сме јуниори втори и кадети трети. Со ваков концепт и работа секогаш имаме наши млади играчи со кои се надополнуваат првите екипи. Се надевам дека ќе продoлжиме во ваков континуитет и дека покрај овој пехар и двата шампионски 2016/2017 и 2018/2019 ќе освојуваме уште и уште, нема да се распаднеме како клубовите кои успеваа да не победат во минатото и станаа историја“ – додаде Јаневиќ.