Насловна
Во пресрет на 13 Октомври, Светскиот ден на видот, Претседателот на Советот на општина Кисела Вода Трајче Донев, присуствуваше на промоција на прирачникот за исправен пристап кон слепите лица.Настанот се одвиваше во ДУРДМОВ ,,Димитар Влахов” во Кисела Вода. Свое обраќање пред присутните имаа претставници од Лајонс клубот “Св. Пантелејмон”-Скопје, кој е издавач на прирачникот, како и директорот на ДУРДМОВ,,Димитар Влахов”.
Беше потенцирано дека по читањето на прирачникот “Како при средба со слепото лице”, лицата со здрав вид ќе стекнат поинаква и појасна слика за светот во кој живеат слепите лица. Ќе знаат како треба да им се пристапи, како треба да се комуницира со нив, кога и како треба да им се помогне. Со дискретен осврт кон психологијата на лицата со оштетен вид, опфатени се најразлични ситуации во кои се сретнуваме со нив и сакаме да им помогнеме.
Прирачникот е подготвен од страна на Чедомир Шопкиќ, уредник на програма за издавачка дејност на Центарот за слепи и слабовидни лица при НУБ “Св. Климент Охридски” во Скопје, а го издава Лајонс клубот, чиј почетоци, но и актуелни активности, како што е и денешната, се поврзани со помош и поддршка на лицата со пречки во видот.
Прирачникот наскоро ќе биде масовно дистрибуиран. Со цел да им се подобри квалитетот на живот на овие лица, при средбата со Претседателот на Совет Трајче Донев, беше договорено прирачникот да им биде презентиран и на учениците во основните училишта на територија на општина Кисела Вода. Оваа локална самоуправа има континуирана соработка со ДУРДМОВ ,,Димитар Влахов”, а се реализираат и бројни проекти кои имаат за цел да ги промовираат еднаквите можности за секој поединец.