Насловна
Циклусот на средби на градоначалникот Филип Темелковски со жителите на месните и урбани заедници во Општина Кисела Вода продолжуваат да се одвиват и оваа работна недела. Заедно со секретарот на Општина Кисела Вода, Александар Алексовски, советници и дел од тимот составен од раководителите на стручните служби од општината вчера остварија средба со жителите на УЗ 11 Октомври - бараки.
Градоначалникот Филип Темелковски пред присутните жители од УЗ 11 Октомври – бараки нагласи дека во периодот што следи Општина Кисела Вoда ќе започне со активности за реконструкција и асфалтирање на дел од улиците во нивната урбана заедница, а планирано е да се изврши и партерно уредување на трим патеката. Покрај ова, Темелковски најави и започнување на изградба на фекална канализација во месноста Градинар, како и подобрување на состојбата со уличното осветлување во овој дел од општината. Пред присутните градоначалникот истакна дека општината ќе вложи напори за гасификација на цела урбана заедница.
Воедно, жителите избраа и нов совет на УЗ 11 Октомври - бараки кој ќе ги застапува нивните интереси во наредниот период. За членови на советот беа избрани: Ѓорги Неделковски, Валентина Савиќ, Горан Фидановски, Анета Качакова, Сашо Арсиќ, Марија Крстиќ и Дејан Галевски. Додека, од страна на новоизбраниот совет за претседател беше избран Ѓорги Неделковски.
Вечерва градоначалникот Темелковски во просториите на Општина Кисела Вода, барака бр. 7 ќе одржи средба и со жителите на МЗ Припор.