Вчеравечер со одличните настапи на Кристина Арнаудова и Силви бенд се затвори културното лето „Три круши 2018“.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски во чија организација беше овогодинешното културно лето „Три круши 2018“ синоќа беше присутен на свеченото затворање на истото. Темелковски во своето обраќање ги поздрави присутните и им се заблагодари на сите кои беа дел од оваа културна манифестација која по 13 - ти пат се одржа.
За почеток, најквалитетната македонска поп ѕвезда Кристина Арнаудова вечерта ја започна со старата македонска песна: Зајди зајди, потоа следуваа Ја излези Ѓурѓо, нејзиниот познат сингл Љубена песна која минатата година беше хит на годината, Земи ме... Овој феноменален концерт Арнаудова го заврши со песната Прашина.
Публиката која беше во голем број ја имаше и таа можност да го слушне и најпознатото брачно дуо Силви бенд. Влатко и Силви Плевнеш пред присутните на манифестацијата изведоа повеќе композиции од нивните албуми и фестивалски настапи. Посетителите на Три круши ги слушнаа познатите безвременски хитови: Бакнеж како музика, Ангели ме носат, Ме полудуваш... На крајот од вечерта тие изведоа и дел од перформансот „Песни од Коштана“ со кој ја воодушевија бројната публика.
Имено, на културното лето „Три круши 2018“ од почетокот па се до неговото затворање настапија бројни познати музички имиња од македонската фолк и поп сцена. Дел од програмата на оваа манифестација беа КУД Китка од Драчево, Дувачкиот оркестар при МКЦ, Александар Митевски, DJ FICHO, Дани Димитровска, Миле Кузмановски, Искра Трпева, Сузана Спасовска, Бени НОН СТОП, Блага Петреска, Ѓоко Дончев, Наум Петрески и Зуица Лазова, Кристина Арнаудова и Силви бенд.